Култура Костадиновска-Стојчевска: За Вевчански карневал издвоивме 1,8 милиони денари

Костадиновска-Стојчевска: За Вевчански карневал издвоивме 1,8 милиони денари

Вечерта на 13 јануари е резервирана за народна музика, а карневалот завршува на 14 јануари со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани

Фото: Министерство за култура

Министерството за култура одвоило 1,8 милиони денари за годинашниот вевчански карневал кој традиционално се одржува во Вевчани. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на прес-конференција кажа дека Министерството за култура го препознавало значењето на карневалот како нематеријално културно богатство и затоа вложува во неговиот развој.

„Пред неколку денови со градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, склучивме договор за финансирање на Вевчанскиот карневал во вредност од 1,8 милиони денари. Седумдесет отсто од сумата Министерството за култура веќе ја префрли на сметката на општината пред почетокот на карневалот, со цел негова ефикасна реализација“, рече таа.

На прес-конференцијата зборуваа и градоначалникот на Вевчани, како и познатиот шоумен Игор Џамбазов, кои рекоа дека овој карневал е гордост и за Вевчани и за целата држава.

Во рамки на карневалот ќе има музичка програма, која почнува на 12 јануари вечерта. Ќе настапат: диџеј Ампов, Јанг Деди, како и Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, а концерт ќе одржи и популарната група „Нокаут“.

Вечерта на 13 јануари е резервирана за народна музика, а на сцената ќе настапат „Акустик бенд“, Наум Петрески и Оркестарот на тапани и зурли од Вевчани и на крајот Перо Волк и Коки Биоритам. Карневалот завршува на 14 јануари со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.