Свет Балкан Косовските граѓани можат да патуваат без визи во земјите од Шенген

Косовските граѓани можат да патуваат без визи во земјите од Шенген

Косовскиот премиер Албин Курти на денешната церемонија на аеродромот во Приштина побара од граѓаните да ги почитуваат условите и критериумите

Фото: Robot8A, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Од 1 јануари, односно од вчера, косовските граѓани можат да патуваат без визи во сите земји на Европската Унија, кои се членки на шенген-зоната. Визната либерализација им овозможува на косовските граѓани, кои имаат биометриски пасоши, да останат до 90 дена, во рок од шест месеци, во која било од земјите членки на шенген-зоната.

Претседателката, Вјоса Османи, на Фејсбук напиша дека 2024 година започнува со „слобода на движење која предолго и неправедно им се ускратуваше“ на граѓаните на Косово. Косовскиот премиер Албин Курти на денешната церемонија на аеродромот во Приштина побара од граѓаните да ги почитуваат условите и критериумите.

„Нема подобар начин да се започне од проширување на правата и можностите на нашите граѓани. Предолго чекавме, ни беа ускратени многу можности. Затоа, ова е важен ден, а е елиминирана големата неправда и се добива важно право, правото да се патува без виза во шенген-зоната“, рече Курти.