Македонија Косово: Почна истрага за уапсените во судирите во Куманово

Косово: Почна истрага за уапсените во судирите во Куманово

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека почнало истрага за уапсените во вооружените судири во Куманово, јавува српскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Првите истражни активности за случајот почнале пред судирите во Македонија поради сомнеж дека неколку лица планирале кривични дела на Косово.

Претресени се куќите на неколку осомничени, чии имиња не се наведени, а акцијата е извршена на 15 мај.

Во соопштението се наведува дека е можно осомничените да се истите лица, кои според информациите на обвинителството, добиени од медиумите, биле вклучени во настаните во Македонија.

Истрагата е покрената поради зачувување на мирот и на безбедноста на Косово, како и за спречување кривични дела, се наведува во соопштението.

Во почетната фаза од случајот, специјалното обвинителство не може да ги објави другите информации од истрагата, но, како што се наведува, ќе се преземат сите потребни мерки за да се спречи незаконското дејствување на Косово.