Свет Балкан КОСКО ќе инвестира дополнителни 500 милиони евра во Пиреја

КОСКО ќе инвестира дополнителни 500 милиони евра во Пиреја

Кинескиот магнат КОСКО, кој наскоро ќе го преземе атинското пристаниште Пиреја, најави нови инвестици од повеќе од 500 милиони евра за пристаништето. Претседателот на КОСКО, Ху Лиронг, на вчерашната средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, по потпишувањето на гарантните договори дека компанијата ќе го преземе грчкото пристаниште, изненади со најава за уште поголеми инвестиции од очекуваното.

Кинеската компанија ќе вложи дополнителни 500 милиони евра покрај договорените 350 милиони за развој на инфраструктурата и за подобрување на работата на пристаништето. Од КОСКО планираат да го развијат пристаништето како една од главните точки за светските бродови за крстосување, што се смета дека ќе помогне дополнително и за развивање на пристаништето и на грчкиот туризам. Во оваа насока, инфраструктурата ќе се прилагоди за да има можност да ги прими и најголемите бродови на светот со капацитет од 4.000 патници. Една од целите е бројот на туристи што доаѓаат преку крстосувања во Пиреја да се зголеми на 3 милиони.

Втората цел, според информациите во Грција, е да се подобри инфраструктурата за товарење и за движење на контејнерите што пристигнуваат со товарните бродови. Идејата е да се направи соодветен простор за складирање првично 7 милиони, а потоа и 10 милиони контејнери на пристаништето. Со ова, според плановите на КОСКО, Пиреја би станала најголемото пристаниште за товарни бродови и за контејнери во Средоземно Море.

Сепак, покрај желбата да се развие пристаништето, од кинескиот магнат упатија и критика кон грчката влада за бројните протести што два месеци ја блокираа работата на Пиреја.

„Се надеваме дека грчката страна ќе ни овозможи поволна клима за работа и најдобро би било да нема толку често штрајкови“, изјавил првиот човек на КОСКО во разговор со Ципрас.

Штом се финализира договорот со грчкиот фонд за приватизација, кој веќе е одобрен од грчкото собрание, КОСКО ќе стане најголем акционер во пристаништето Пиреја, односно ќе контролира 67 отсто од акциите.