Свет Европа Копилотот намерно го урнал авионот и убил 150 лица

Копилотот намерно го урнал авионот и убил 150 лица

Копилотот на „Џерманвингс“ веројатно намерно го урнал авионот, убивајќи ги сите 150 патници во леталото. Копилотот не му дозволил на капетанот да влезе во кабината за „намерно да го уништи“ авионот, соопшти францускиот обвинител на прес-конференција.

Копилотот на „Џерманвингс“ е идентификуван како Андреас Лубиц.
Капетанот бил на возраст од 30 до 40 години, искусен, со 10.000 часови летање, а за „Луфтханза“ работел 10 години. Копилотот имал 28 години и работел за „Луфтханза“ од 2013 година.

Обвинителот Брајс Робин даде објаснување на најверојатното сценарио, водејќи се од транскрипитите на црната кутија која ги снимила последните 30 минути пред авионот да се урне.

Капетанот ја напуштил кабината за да отиде до тоалет, велејќи му на копилотот да преземе. Потоа копилотот, своеволно ја намалил височината, соопшти обвинителот, додавајќи дека некој се обидел да ја скрши вратата од кокпитот.

Обвинителот соопшти дека се слушаат „очајни“ повици копилотот да ја отвори вратата, но тој одбил да го стори тоа. На снимките, според звуците, копилотот дишел нормално, без да изусти ниту еден збор, сè додека авионот не се урнал.

Според снимките, патниците почнале да врескаат непосредно пред конечниот удар, а воздухопловните служби не добиле никаков сигнал за тревога.
Обвинителот соопшти дека не постои основа уривањето на авионот да се смета за терористички акт.