Свет Балкан Координативна конференција против тероризмот на Балканот

Координативна конференција против тероризмот на Балканот

Клучни претставници на меѓународни и на регионални институци и високи претставници на влади од Југоисточна Европа, меѓу кои и од Македонија, првпат во тој формат се собраа денеска во Тирана во обид да ја унапредат соработката во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

Како што соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС), кој го организираше овој собир, а чиј домаќин е албанското министерство за надворешни работи, земјите членки од ЈИЕ и меѓународните партнери од ЕУ и од САД, се договориле најмалку еднаш годишно да организираат вакви конференции за да проценат до каде се напредувало во борбата против овие зла и за да се унапредува регионалната соработка.

– Адекватниот одговор на овие заеднички предизвици лежи во заедничкото дејствување, кое бара повисоко ниво на регионална соработка и усогласеност во заедничките настојувања – изјави генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ.

Тој додаде дека иако радикализацијата, насилниот екстремизам, тероризмот и странските терористички борци не се новина, ЈИЕ и Европа во целина се сочуваат со зглемено ниво на вакви закани, што негативно влијае на економијата и на севкупното општество.

Заменик-министерката за надворешни работи на Албанија, Одета Барбулаши, изјави дека подобрата соработка и повисокото ниво на координација во регионалните активности е нужност бидејќи радикализацијата и насилниот екстремизам не запираат на политичките граници, туку за цел имаат поширок регион.

Претсавниците на ЕУ на конференцијата потсетија на значењето на законодавствата во борбата со тероризмот и со насилниот екстремизам, оценувајќи дека сите земји аспиранти и кандидати добро стојат на ова поле. Сепак, оценка на ЕУ е дека треба повеќе да се работи, конкретно на борбата против радикализацијата во општествата.

На маргините на конференцијата се оддржуваат и одвоени состаноци на три специјализирани формати за борба против тероризмот, што веќе постојат во рамките на регионална соработка и во рамките на Платформата на РСС за борба против насилниот екстремизам што води до тероризам.

Оваа регионална соработка е активност на Процесот за соработка во ЈИЕ (SEECP), чиј полноправен член е Република Македонија уште од неговото формирање пред десетина години, а чие оперативно тело е РСС.