Здравје Контрацепција.мк, нова веб-страница со корисни информации за сексуалното здравје

Контрацепција.мк, нова веб-страница со корисни информации за сексуалното здравје

На веб-страницата може да се најдат и одговори на најчестите прашања за контрацептивните средства, но и да се постават прашања до стручни лица

Фото: ХЕРА

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација, денеска ја претставија заедничката веб-страница за методите на контрацепција, прва во земјава и која е целосно посветена на контрацептивните средства и поддржана од национална здравствена институција.

Изработена во соработка со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), Центарот за семејна медицина – Медицински факултет Скопје и Македонското лекарско друштво и со поддршка од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права, оваа веб-страница треба да биде веродостоен извор на информации на македонски и албански јазик, посебно за младите на кои често им недостигаат информации за сексуалното и репродуктивното здравје.

„Сметаме дека со помош на оваа двојазична веб-страница придонесуваме кон подигање на свеста кај населението за грижата за сексуалното и репродуктивното здравје, а со тоа и кон намалување на несаканите последици меѓу кои се непланираната бременост и сексуално преносливите инфекции“, истакна во своето обраќање проф. Елена Ќосевска од ИЈЗ.

Андријана Папиќ Манчева од ХЕРА кажа дека идејата за изработка на ваква веб-страница дошла од Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права.

„Оваа веб-страница е одличен чекор кон обезбедување точни и лесно достапни информации за сите, а особено за младите во ранливи ситуации кои според нашето истражување, за време на пандемијата имале потреба, но не можеле да најдат информации за контрацепција, сексуално преносливи инфекции, практикување безбеден секс и слично“, вели Папиќ Манчева од ХЕРА.

На веб-страницата може да се најдат и одговори на најчестите прашања за контрацептивните средства, но и да се постават прашања до стручни лица од релевантните здравствени институции и асоцијации.