Македонија Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Делегатите денеска гласаат за реизбор на Груевски за лидер

Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ: Делегатите денеска гласаат за реизбор на Груевски за лидер

Денеска напладне почнува вториот дел од 15. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржува во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, на кој присутните делегати ќе гласаат за реизбор на Никола Груевски за лидер партијата.

Право на глас имаат 650 делегати, од кои, како што пренесува „Утрински“ на својата интернет-страница, 523 вчера биле присутни во салата на Центарот за култура во Куманово.

Според весникот, делегатите на ВМРО-ДПМНЕ, вчера попладне, на работниот дел од Конгресот, кој се одржува зад затворени врати, донеле Конгресна повелба, во која биле утврдени насоките за понатамошното дејствување на партијата врз основа на конгресниот слоган „Силна Македонија! Стабилност, работни места, инвестиции, доверба, перспектива“.

Вчера бил усвоен и извештајот за финансиското работење на партијата во периодот 2011-2015 година.

Како што пренесува „Утрински“, делегатите денеска треба да се изјаснат и за нов состав на Статутарната и на Надзорната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, а со Конгресот завршува и мандатот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, чиј состав наскоро треба да биде обновен.

По завршувањето на гласањето за претседател на партијата, се очекува Груевски, кој е на чело на партијата од 2003 година, повторно да се обрати пред делегатите.