Култура Концерт „Чистина“ в четврток во Филхамонија

Концерт „Чистина“ в четврток во Филхамонија

Како солистка ќе настапи перкусионистката Татиана Колева (Холандија/Бугарија), а диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, информираат од Филхармонија

Фото: Филхармонија

На 1 февруари со почеток во 20 часот оркестарот на македонска филхармонија ќе го одржи концертот „Чистина“, на кој како солистка ќе настапи перкусионистката Татиана Колева (Холандија/Бугарија), а диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, информираат од Филхармонија.

На програмата се концерт за маримба, вибрафон и тапан од Емил Табаков кој ќе биде изведен премиерно и Симфонијата бр.2 во Де-дур од Лудвиг ван Бетовен.

Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните и најплодните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма, за симфониски оркестар и за други формации. Автор e на девет симфонии, концерти за оркестар, концерти за различни инструменти, „Реквием“, камерни и соло композиции. Повеќето се нарачани од меѓународни фестивали и музичари. Неговите дела се издадени од Naxos, Gega, Balkanton, и често се изведуваат во Бугарија, Германија, Португалија, САД, Јапонија, Финска, Франција, Австрија, Турција и др.

„Татиана Колева, која критиката ја препознава како виртуоз и иновативна уметница перкусионистка, досега премиерно извела повеќе од сто дела напишани специјално за неа како солист и за нејзините проекти со поголеми ансамбли. Родена е во Бугарија, а моментално живее во Холандија, каде што ја комбинира својата интензивна концертна агенда со едукативните активности, меѓу кои и работата како професор на Конзерваториумот во Гронинген“, пишува во соопштението од Филхармонија.