Македонија Коблер: Македонија најблиску до ЕУ досега, но ја чека работа

Коблер: Македонија најблиску до ЕУ досега, но ја чека работа

Амбасадорката на Австрија, Ренате Коблер, изложувајќи ги приоритетите за претседателствување на Австрија со ЕУ во следната половина година во собраниската Комисија за европски прашања, порача дека Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ отколку сега, но дека сепак ја очекува многу работа на реформите.

Според Коблер, еден од приоритетите на Австрија е и Западниот Балкан, а Македонија ќе треба да спроведе уште реформи.

– Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ како што е сега. Има јасен датум за почеток на преговори со ЕУ и многу работа пред неа – рече австриската амбасадорка, честитајќи и на Македонија за реформските напори и постигнувањата, кои според неа, биле од историски размери.

Таа посебно ги одбележа Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот за решавање на спорот за името со Грција.

– Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ, отколку што сте сега. Секако знаеме и чувме дека вашата земја пред себе има многу работа. Бидете уверени дека јасната европската перспектива за регионот на Западен Балкан и јасната европската патека за вашата земја остануваат врвен приоритет за австриското претседателство – рече Коблер.