Спорт Кливленд го растури Голден стејт

Кливленд го растури Голден стејт

Од синоќешните два меча во НБА-лигата, дефинитивно за издвојување е одличната партија на Леброн Џејмс, кој со 42 поени беше најзаслужен за победата на Кливленд над Голден стејт од 110-99. На вториот меч, Феникс ја совлада Оклахома по продолжението со 117-113, иако Расел Вестбрук запиша нов трипл-дабл – 39 поени, 14 скока и 11 асистенции, пренесе „Екипа“.

Голден стејт загуби 18 пати во последните 20 натпревари од Кливленд, а овојпат Леброн Џејмс си го запиша рекордот на сезоната од 42 поени, дополнети и со 11 скока и со пет асистенции.

Него го следеше Кајри Ирвинг со 24 поени, Тимофеј Мозгов имаше 10 поени и 10 скока, додека Кевин Лав запиша 16 поени.

Кај „воините“ најдобар беше Дејвид Ли со 19 поени, а Стеф Кари имаше 18 поени и шест асистенции.

Феникс, пак, ја прекина низата на Оклахома од седум победи, а блескаше Ерик Бледсо со 28 поени, 13 скока и со девет асистенции. Најефикасен, сепак, беше Маркиф Морис со 29 поени.

Вестбрук, 31 од своите 39 поени на мечот ги постигна во второто полувреме и во продолжението. На крајот од регуларното време, донесе продолжение за својот тим, но во продолжението, на 6 секунди пред сирената, промаши за ново продолжение.

Вестбрук со оние 14 скока и со 11 асистенции на мечот го запиша својот 12. трипл-дабл во кариерата.