fbpx

Не може да се споредуваат исчезнатите деца од Кливленд со оние кои се одведени од Украина

Не може да се спoредуваат исчезнатите деца од Кливленд со оние кои се одведени од Украина. Станува збор за различни контексти, различни околности. За децата од Кливленд, околностите уште не се разјаснети и нема утврдено образец односно тенденција дека сите исчезнале на ист начин, бидејќи се работи за изолирани случаи со непознат исход. За децата одведени од Украина, е јасно дека се киднапирани од руската држава

-

Не може да се спoредуваат исчезнатите деца од Кливленд со оние кои се одведени од Украина. Станува збор за различни контексти, различни околности. За децата од Кливленд, околностите уште не се разјаснети и нема утврдено образец односно тенденција дека сите исчезнале на ист начин, бидејќи се работи за изолирани случаи со непознат исход. За децата одведени од Украина, е јасно дека се киднапирани од руската држава откако нивните родители биле уапсени во окупираните територии или убиени во инвазијата, или откако се разделиле од родителите во активна воена зона. Децата од Украина исто така се одземени од украински државни институции во окупираните региони, и одведени на руска територија во „летни кампови“ каде се предмет на руско влијание, во обид да се избрише нивниот национален идентитет, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Само во Кливленд за 2 недели исчезнале 30 деца. Замислете колку деца секој ден исчезнуваат во САД. Важно Путин го обвинија за трговија со деца

Во склоп на објавата се споделува фотографија од наслов на Њујорк Пост, за вест во која се информира за исчезнување на деца во Кливленд. Но, кога ќе се погледне оригиналниот напис, станува јасно дека причините за исчезнувањето на овие 30 деца се непознати, а има повеќе сценарија односно посочени опции зошто исчезнале.

Според написот, полицијата на Кливленд изјавила дека 27 деца биле пријавени за исчезнати меѓу 2 мај и 16 мај, што претставува досега невидено ниво во 2023 година.

Секогаш има успони и падови во бројот на исчезнати лица, но оваа година се чини како да е поинаква. Од некоја причина, во 2023 гледаме многу повисока бројка на исчезнати лица, но вознемирувачкиот дел е во тоа што не знаеме што се случува со некои од овие деца, дали се жртви на трговија или пак се вклучени во активности на банди или дрога, изјави Џон Маџој, шериф на полицијата во Њубург Хајтс.

Тој додава дека најголемиот дел од случаите на исчезнати деца се такви во кои што тие избегале, но се плаши дека некои од тинејџерите би можеле да бидат жртви на предатори. Маџој додава дека проблемот е во тоа што не се знае каде се овие деца, дали се вмешани во криминал со дрога, или пак се бават со проституција. Полицијата во Кливленд почнала операција „Ќе ве најдеме“ со цел да пронајдат 35 исчезнати лица во мај. Агентите се фокусирале на случаи во Кливленд, Толедо, Акрон и други општини за да ги најдат исчезнатите малолетници, а некои од нив ги лоцирале во Калифорнија и Аризона.

Епидемијата на исчезнати деца во нашата општина треба да излезе на виделина, треба да стане наш фокус. Се надеваме дека операции како оваа ќе го изострат тој фокус. Секое дете заслужува безбедна средина во која ќе расте и ние сме посветени да го овозможиме тоа за децата и нивните семејства во Охајо, велат од полицијата.

Наспроти паралелата која што во постот што го рецензираме се прави меѓу децата од Украина и децата од Кливленд, евидентно е дека станува збор за комплетно различни и неспоредливи причини за нивното исчезнување. За разлика од децата во Кливленд кои што се исчезнати или од непознати причини, или поради можна трговија или пак, вклученост во банди и проституција, за децата од Украина станува збор за друга причина.

Судот во Хаг издаде налог за апсење на Путин поради воени злосторства извршени во Украина. Во соопштението на Меѓународниот кривичен суд се вели дека постојат разумни основи да се верува дека и Путин и неговата комесарка за правата на децата, Марија Алексеевна Лавова-Белова, се одговорни за: воено злосторство, илегална депортација на населението и нелегално преселување на население од окупираните територии на Украина, на штета на украинските деца.

Лавова-Белова, комесарка во Канцеларијата на претседателот на Русија за правата на децата, е санкционирана од повеќето западни земји поради нејзината наводна улога во киднапирањето деца.

Напорите на Лавова-Белова вклучуваат принудно посвојување украински деца во руски семејства, таканаречено „патриотско воспитување“ на украински деца, законски измени за забрзување на доделувањето државјанство на Руската Федерација на украинските деца и намерно земање на украински деца, објави американското Министерство за финансии во септемврипренесе Си-Ен-Ен.

Според соопштението на Советот на Европа, објавено на 6 март 2023 година „многу украински деца погодени од војната биле однесени или завршиле во Руската Федерација или на териториите на Украина окупирани од Русија. Посебните околности на таквите случаи значително се разликуваат“. Советот на Европа идентификуваше неколку категории деца подложени на такви практики. Една категорија се сирачиња и деца во институции кои живееле во регионите на Украина окупирани од Русија и кои биле однесени во Русија пред агресијата во 2022 година, од 2014 година и оние деца однесени во Русија од установи за нега лоцирани во регионите на Украина кои дојдоа под окупација или привремена контрола на руските сили по 24 февруари 2022 година, пренесе Форбс.

За време на руската инвазија на Украина, Русија насилно префрли илјадници украински деца во областите под нејзина контрола, им додели руско државјанство, насилно ги посвои во руски семејства и создаде пречки за нивно обединување со нивните родители и татковината.

Не може да се споредуваат исчезнатите деца од Кливленд со оние кои се одведени од Украина. Станува збор за различни контексти, различни околности. За децата од Кливленд, околностите уште не се разјаснети и нема утврдено образец односно тенденција дека сите исчезнале на ист начин, бидејќи се работи за изолирани случаи со непознат исход. За децата одведени од Украина, е јасно дека се однесени од страна на руската држава откако нивните родители биле уапсени во окупираните територии или убиени во инвазијата, или откако се разделиле од родителите во активна воена зона. Децата од Украина исто така се одземени од украински државни инситуции во окупираните региони, и одведени на руска територија во „летни кампови“ каде се предмет на руско влијание, во обид да се избрише нивниот национален идентитет.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како пост кој е манипулативен и има недостиг на контекст.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германската тајна служба: Со Кина не треба да бидеме наивни

Германската домашна разузнавачка служба (BfV) ги предупреди компаниите да бидат претпазливи кога имаат работа со авторитарни странски влади, како што е Кина, пренесе германската новинска агенција ДПА. Германските компании, на...