Македонија Ќе има пари за плати, пензии и надоместоци, кажа министерката Тренчевска

Ќе има пари за плати, пензии и надоместоци, кажа министерката Тренчевска

Фото: Министерство за труд и социјална политика

Пензионерите ги добија септемвриските пензии, зголемени за 6,8 oтсто и согласно новата методологија, усогласување на пензиите ќе има два пати во годината, во септември и во март. Ова го кажа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во гостување во телевизија 24. Таа порача граѓаните да бидат спокојни бидејќи исплата на пари за плати, пензии и надоместоци од социјална и детска заштита, ќе има на време.

„Целта на ваквото решение е воспоставување на систем за постојан раст на пензиите. Во бројки пензионер со просечна пензија во август 16.376 денари, во септември добил 17.490 денари, споредно со јуни 2017 година, тоа е околу 3.500- 4.000 денари повеќе пари на сметката на секоја пензионер,“ рече Тренчевска.

Новата методологија предвидува усогласување на пензиите и тоа, според движењето на индексот на трошоци за живот во висина од 50 отсто и порастот на просечно исплатена плата на сите вработени во државата во висина од 50 отсто, согласно официјалните податоци на Државниот завод за статистика.

Тренчевска информираше дека со здруженијата на пензионери веќе е разговарано и за зголемување на минималната пензија, за што ќе се отвори социјален дијалог и ќе се креира најиздржаното решение. Министерката се осврна и на коментарот за новата методологија на усогласување на пензиите и линеарното зголемување на пензиите, при што посочи дека преку процентот за пораст на пензиите, согласно новата методлогија се потврдува дека системот е праведен.

„Правото за остварување на пензија е уставно загарантирано право и секој работник со исполнување на условите за пензионирање, односно со навршување на 64 години за маж и 62 години за жена, во формирањето на висината на пензијата се зема предвид вкупниот работен стаж и просекот на плата што ја земал во работниот век“, рече таа.

Со јануарското усогласување на пензиите од 2,9 отсто и заедно со 6,8 отсто за месец септември, оваа година пензиите пораснале за 9,7 отсто. Инаку, 330.000 пензионери добија финансиска поддршка од 3.000 денари за полесно справување со економска криза.