Подглавна секција Кијив втор ден по ред под бран руски напади со дронови

Кијив втор ден по ред под бран руски напади со дронови

По пауза од 52 дена, Москва ги продолжи воздушните напади врз главниот град на Украина

фото: Укринформ

Русија утрово повторно започна бран напади со беспилотни летала врз Кијив, засилувајќи ги нападите врз украинскиот главен град по пауза од неколку недели, соопшти градската воена администрација, а пренесе Гардијан.

Засега нема извештаи за критична штета или жртви, рече Серхи Попко, шеф на воената администрација на Кијив, цитиран од Ројтерс.

По пауза од 52 дена, Москва ги продолжи воздушните напади врз главниот град на Украина, при што вчера украинските власти соопштија дека сите беспилотни летала кои се движеле кон Кијив биле уништени, иако некои дронови ја погодиле инфраструктурата на други места во земјата.

За денешниот напад, Попко кажа дека украинските системи за противвоздушна одбрана погодиле околу 10 дронови „Шахед“ од иранско производство.

Руски артилериски напад бил извршен и врз градот Херсон, каде се повредени петмина цивили, а меѓу нив и 3-годишно девојче, јави Укринформ, пренесувајќи ги информациите од украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко објавени на Телеграм.

Украинската војска јави дека нејзините трупи во борбата кај реката Днипро успеале да ги потиснат руските сили три до осум километри од бреговите на реката, што, доколку се потврди, ќе биде првиот значаен напредок на силите на Кијив по неколкумесечната разочарувачка контраофанзива.

Широката река е природна линија на поделба долж јужниот борбен фронт, пренесува Гардијан. Откако се повлекоа од Херсон преку реката пред една година, московските сили редовно ги гранатираат заедниците на другата страна од реката што е под контрола на Украина, за да ги спречат кијивските трупи да напредуваат кон Крим – регионот анектиран од Русија.

Портпаролката на јужната оперативна команда на Украина, Наталија Гуменјук кажа дека украинските сили се обидуваат да ги потиснат единиците на руската армија што е можно повеќе со цел да го олеснат животот во западниот дел од Херсон.