Македонија КфВ развојната банка заинтересирана за инвестиции во обновливи извори во земјава

КфВ развојната банка заинтересирана за инвестиции во обновливи извори во земјава

Министерот за финансии, Фатмир Бесими се сретна со директорот на Секторот за Југоисточна Европа и Турција во КфВ банката, Клаус Милер

Фото: Министерство за финансии

Министерот за финансии, Фатмир Бесими се сретна со директорот на Секторот за Југоисточна Европа и Турција во КфВ банката, Клаус Милер, со кој разговараше за тековни и идни проекти во земјава. Паркот на ветерни електрани Миравци, две фотонапонски електрани во кругот на ТЕЦ Битола, модернизација и надградба на комплексот Енергетика и соларна топлификација Битола, се проектите за кои од КфВ банката изразиле интерес за поддршка на реализација. Тековно, оваа банка финансира проекти во вредност од речиси 200 милиони евра.

Министерот за финансии на средбата изрази благодарност за поддршката што РС Македонија ја добива од КфВ банката. Станува збор за програмата за наводнување на РС Македонија во вредност од 80 милиони евра, ревитализација на хидроелектрани во вредност од 25 милиони евра, втора фаза од Ветерниот парк во Богданци со 18 милиони евра поддршка од КфВ банка, спроведување топлификација на Битола со 39 милиони евра од КФВ, енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови во износ од 20 милиони евра и други.

„Поддршката која ја добиваме за нас е од големо значење, а во моментов особено е значајна поддршката во секторот енергетика, која очекуваме да продолжи со уште поголемо темпо во иднина“, истакна министерот Бесими.

Од КфВ банка исто така ја поздравија досегашната и изразија интерес на идна соработка, претежно во делот на енергетиката и одржливи извори на енергија. Банката обезбедува долгорочен капитал и поттикнува инвестиции во инфраструктурата, финансиските системи и заштитата на животната средина. Нејзината мисија во РС Македонија е промовирање на одржливиот развој, поддршка на процесот на транзиција и поддршка за пристапување кон ЕУ.