Свет Балкан КФОР го одби барањето на Србија за враќање на српската војска во...

КФОР го одби барањето на Србија за враќање на српската војска во Косово

Фото: Мета.мк

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија го добила одговорот од КФОР на барањето на официјален Белград српските сили да се вратат во Косово, пренесува телевизијата Н1. Вучиќ во обраќањето до српската јавност рече дека КФОР испратил внимателно составено писмо до српската влада, во кое тие одговориле оти сметаат дека нема потреба од враќање на српската армија на територијата на Косово, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на ОН.

Вучиќ додаде дека српската страна очекувала таков одговор од КФОР, при што тој оцени дека е направена уште една „ненамерна грешка“ од КФОР, кои рекле дека внимателно ја следат ситуацијата во северно Косово, а само два часа претходно во јужно Косово било пукано на лица од српска националност.

Инаку, Србија кон средината на декември лани, во екот на поставените српски барикади и тензиите во северно Косово, испрати до КФОР официјално барање за враќање до 1.000 припадници на војската и полицијата на Србија во Косово.