Свет Свет Кери: Русија да се воздржува од офанзивни операции во Сирија

Кери: Русија да се воздржува од офанзивни операции во Сирија

Американскиот државен секретар Џон Кери соопшти дека официјален Вашингтон сè уште смета оти Москва треба да се воздржува од офанзивни операции во Сирија и да ја убеди сириската Влада да го стори истото.

– Русија треба да го зајакне притисокот врз режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад за да го увери во неопходноста од зачувување на примирјето и од создавање услови за обновување на преговорите со сириската опозиција во Женева – изјави Кери.

Тој рече дека преговорите во Женева се прекинати бидејќи претставниците на умерената опозиција се противеле да преговараат во услови на континуирани напади на владините сили врз нивните формации.

– Особено е важно Русија да се воздржува од водење офанзивни операции и да го убеди режимот на Асад да го стори истото, а ние од своја страна имаме одговорност да ја натераме опозицијата да не спроведува такви операции – рече Кери, додавајќи дека неопходно е сите страни да ги почитуваат условите од резолуциите на Советот за безбедност на ОН за решавање на сирискиот конфликт.

Обединетите нации вчера повикаа на прекин на непријателството во сирискиот град Алепо и во околината и апелираа до сите страни да овозможат непречено доставување на хуманитарна помош.