Технологија Наука Ќе се инвестираат 280 милиони евра во истражување за еболата

Ќе се инвестираат 280 милиони евра во истражување за еболата

Медицински истражувачки институт

Европска Унија и произведувачите на лекови денеска најавија дека ќе вложат 280 милиони евра во истражување за еболата. Најголем дел од средствата ќе бидат наменети за брзо тестирање на вирусот и за производство на потенцијална вакцина.

Средствата ќе се искористат за проекти што ја поддржуваат иницијативата за иновативна медицина (ИМИ), единствено јавно-приватно партнерство, која заеднички ја финансираат Европската комисија и фармацевтската индустрија.

– ЕУ е решена да пронајде решение за еболата. Ние стоиме на нашиот збор и помагаме во истражувањето за еболата со дополнителни 280 милиони евра – изјави еврокомесарот за истражување, Карлос Моедас.

Според планот, Европската комисија ќе одвои 140 милиони евра, додека фармацевтските компании остатокот од средствата ќе го надоместат со ангажирање работници, средства и услуги.

Двата водечки кандидати за вакцината против ебола, „Глаксо Смит Клајн“ и „Њу Линк џенерикс“, веќе спроведоа тестирања на луѓе, а компанијата „Џонсон“ ќе почне со тестирање во јануари.