Дописници Католички Божиќ донесе славеници од Грција, Албанија и од Бугарија во Охрид

Католички Божиќ донесе славеници од Грција, Албанија и од Бугарија во Охрид

Повеќе стотици гости, пред сè, од Грција, но и од Албанија и од Бугарија, допатуваа во Охрид за прослава на католички Божиќ. Сместени се, главно, во поголемите хотелски капацитети.

Помал број гости има и во соседна Струга.

Гостите што допатуваа во Охрид, а ќе останат и викендов, се своевидна најава на очекуваната голема навалица за новогодишните празници, а во продолжение на нив и за православен Божиќ.

Задоволни се во туристичките агенции, како и хотелитерите и приватните станоиздавачи.

И од локалната самоуправа најавуваат дека Охрид ќе  биде преполн со гости за новогодишните празници.

Најголем број од нив ќе бидат од Република Македонија, но и од соседните држави, пред сè, од Србија, Црна Гора, Бугарија и од Албанија, како и од Полска и од Турција.

Божиќните и новогодишните празници ќе бидат продолжение на годинешната успешна туристичка сезона, со пораст во бројот на гостите за 11 проценти и на остварените ноќевања за повеќе од 7 проценти.