Македонија Караџовски: СЈО е инфантилно, а новинарите што го следат се пристрасни и...

Караџовски: СЈО е инфантилно, а новинарите што го следат се пристрасни и сензационалисти

Специјалното јавно обвинителство е инфантилно, а новинарите што ги пренесуваат неговите ставови се пристрасни и сензационалисти. Ова е ставот на претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџовски, во врска со вчерашното соопштение на СЈО дека Кривичниот суд во Скопје продолжува со опструкции на нивната работа и одбива да издаде наредби за претрес што се однесуваат на сегашни и на поранешни високи функционери.

Според него, ваквите одлуки на судот не се спорни, а сомнителна е основаноста и законитоста на барањата на СЈО и непристрасноста на новинарите.

– Се работи за, најблаго речено, инфантилно однесување. Има закон за кривична постапка, има начин на реагирање и начин на постапување. Сега тоа обвинителство оди чекор понатаму, со именување на совети и на судии. Значи има закони има процедури… Вакви односи рекла-кажала и обвинувања преку медиуми, па скандализирање и сензционализам од вас новинарите, па скандал во суд, јас го разбирам како пристрасно постапување и од ваша страна – изјавил денеска Караџовски, по денешната седница на Судскиот совет, пренесува „Алсат М“.