Свет Кабул: Четворица загинати во напад кај руската амбасада

Кабул: Четворица загинати во напад кај руската амбасада

Во близина на руската амбасада во центарот на Кабул денеска одекна силна експлозија, предизвикана од автомобил-бомба, во која загинаа четири лица, соопшти авганистанското Министерство за здравство.

Во нападот, исто така, се повредени најмалку 20 лица, меѓу кои има жени и деца, изјави портпаролот на министерството, Исмаил Кавуси.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападот, кој се случува два дена пред почетокот на втората рунда преговори, кои имаат цел да ги оживеат мировните преговори со талибанците.

Нападот се случил во близина на руската амбасада, авганистанскиот парламент и зграда на повеќе министерства во Кабул, изјавија авганистанските претставници.

Извор од руското министерство за надворешни работи негира дека амбасадата на Русија била мета на нападот.