Македонија Јужната граница затворена, Управувачкиот комитет попладнево ќе одлучува што понатаму

Јужната граница затворена, Управувачкиот комитет попладнево ќе одлучува што понатаму

Управувачкиот комитет за справување со мигрантската криза денеска, по 18 часот, според најавите, треба да одржи состанок на кој ќе ја утврди новата политика на земјава околу пропуштањето на бегалците, по самитот во Брисел и по утврдувањето на новите мерки за затворање на границите за најголем дел од барателите на азил, што од вчера ги воведе Словенија, дознава „Мета“.

До состанокот, на сила останува претходната одлука на комитетот, според која Македонија ќе пропушта толку мигранти колку што ќе излезат на граничниот премин Табановце, а во моментов таа бројка е нула.

Од вчера, јужната граница е целосно затворена за прием на мигранти од Грција кои чекаат кај Идомени, бидејќи, како што велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи, изминатите два-три дена Србија не пропушта мигранти од Македонија.

– Претходната одлука на Управувувачкиот комитет беше дека колку мигранти ќе излезат од Република Македонија толку ќе бидат и примени на јужната граница. Во последните два-три дена нема излез на мигранти од Македонија и од таа причина во текот на вчерашниот ден нема влез на нови мигранти на јужната граница – велат од МВР.

МВР утрово и официјално соопшти дека вчера не била издадена ниту една потврда за искажана намера за барање азил на македонско-грчката граница. Од почетокот на годината досега низ земјава поминале 89.623 странски државјани, на кои им биле издадени потврди.

Управувачкиот комитет е национално тело задолжено за справување со мигрантската криза, со кое претседава министерот за здравство, Никола Тодоров, а во него се вклучени и министерствата за транспорт и врски, за внатрешни работи, за одбрана и Центарот за управување со кризи.