Македонија Јолевски: Регионот има клучна улога во европската стабилност

Јолевски: Регионот има клучна улога во европската стабилност

За Република Македонија е значајно зачленувањето во НАТО, а поддршката од САД за влез во Алијансата е потребна повеќе од кога било, истакнал министерот за одбрана Зоран Јолевски на средбата со американскиот заменик помошник на секретарот за одбрана, Мајкл Карпентер, во Пентагон.

Јолевски, како што соопштија од неговиот кабинет, побарал и поголема поддршка од официјалните претставници на САД за стратегиските бизнис-инвестиции во доменот на одбраната во Република Македонија.

Карпентер изразил согласност за идејата на министерот Јолевски и воедно ја нагласил подготвеноста да ги разгледа сите опции за што поголема инволвираност и поддршка на официјалните претставници од Пентагон и од САД на почнатите процеси на модернизација на Армијата и на одбраната на Република Македонија.

Двајцата соговорници се согласиле и дека регионот има клучна улога во европската стабилност, но и дека САД треба да ги зголемат фокусот и поддршката за регионот.

Средбата на министерот Јолевски со Карпентер во Пентагон е во рамки на неговата работна посета на САД.