Македонија Јолевски: Македонија ја разгледува можноста од зголемено учество во операциите на ОН

Јолевски: Македонија ја разгледува можноста од зголемено учество во операциите на ОН

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски, изјави дека Македонија ја разгледува можноста од зголемено учество во операциите на ОН. Тој заедно со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, учествуваше на самитот посветен на мировните операции и на идните потреби на Светската организација, што се одржа во Њујорк.

Според Јолевски, за таа цел постојат три варијанти. Првата – заедничко упатување војници од земјите од Југоисточна Европа во мировни мисии на ОН, втората е учество преку италијанскиот контингент и третата е трилатерално учество.

– Самитот за мировни операции, кој се одржува оваа година под покровителство на претседателот на САД, Барак Обама, и на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, се однесуваше на зголемување на контрибуциите на земјите-членки на ОН. За таа цел имавме бројни средби со наши партнери, како, на пример, со САД, со Италија, исто така разговаравме со државата Вермонт, каде што имаме соработка со националната гарда на Вермонт за можно трилатерално партнерство со Сенегал, Вермонт и Македонија – изјави Јолевски.

Според министерот за надворешни работи, Никола Попоски, земјава активно придонесува за мир во светот на повеќе начини.

– Република Македонија се наоѓа во прилично поволна положба како земја која во минатото била дестинација за мировниците, а денес е еден од најголемите извозници на мировници по жител во повеќе региони во светот. Дополнително на нашата агенда се наоѓа и регионалната улога што ја имаме како претседавач на Централноевропската иницијатива и во овие рамки темите кои се поврзани со мирот, со борбата против сиромаштијата и со глобалните предизвици од климатските промени, се пресликани и во работата на ЦЕИ – изјави Попоски.