Македонија Обвинителство се согласи Вранишковски да биде условно пуштен

Обвинителство се согласи Вранишковски да биде условно пуштен

Со издржување на повеќе од половина од затворската казна и со надоместување на штетата за која е осуден, исполнети се законските услови Јован Вранишковски да биде условно ослободен, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и на корупција.

„Осудениот Јован Вранишковски е правосилно осуден на единствена затворска казна од пет години и пет месеци. Досега издржал вкупно 36 месеци затвор, што значи дека издржал половина од затворската казна на која е правосилно осуден. За време на издржувањето се однесувал примерно и го почитувал куќниот ред во затворот, при што ги извршувал и работните обврски“, се вели во соопштението.

Оттаму додаваат дека на Вранишковски, со правосилна пресуда, во корист на оштетената Македонска православна црква, конфискувана му е непосредната и посредната имотна корист која била прибавена со кривичното дело.

„Конфискувани му се вкупно 4.940.400 денари, а од друга страна, во корист на оштетената Македонска православна црква, конфискуван е и недвижен имот – земјиште во Голема нива, запишано во имотен лист во Нерези со површина од вкупно 4.859 квадратни метри“, пишува во соопштението.