Македонија Јанушев доби условна казна за кинеските автобуси по став од закон кој...

Јанушев доби условна казна за кинеските автобуси по став од закон кој станува непостоечки

Собранието вчера ги изгласа измените на Кривичниот законик и ставот од членот од законот за кој се товари Јанушев веќе не постои

Фото: ВМРО ДПМНЕ

На пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ и поранешен директор на ЈСП, Игор Јанушев, денеска му беше изречена условна казна од две години за набавката на двокатните автобуси, за случајот „Дизајн“, што го отвори поранешното Специјално обвинителство (СЈО).

Јанушев нема да ја издржи казната ако во рок од пет години не стори друго кривично дело. Пресудата ја изрече судијата Осман Шабани, а на изрекувањето не дојдоа ниту обвинитетите ниту пак обвинителката Лиле Стефанова.

Инаку, Собранието вчера ги изгласа измените на Кривичниот законик и ставот од членот од законот за кој се товари Јанушев веќе не постои. Според обвинението, Јанушев го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Ставот 5 во досегашното законско решение пропишува дека ако „злоупотребата е направена на штета на Буџетот или други народни пари, сторителот ќе се казни со затворска казна од најмалку пет години“.

За овој случај, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и двајца членови на комисијата за набавки признаа вина, беа прогласени за виновни и осудени на условна казна од две години затвор, која нема да се реализира доколку обвинетите во следните пет години не сторат ново кривично дело.

Пред судот, за невин се изјасни само Јанушев, и за него постапката продолжи.

Според обвинението, тие ја фаворизирале кинеската фирма која ги набави автобусите за ЈСП, иако немала доставено банкарска гаранција и сертификат за квалитет како што се барало во тендерската документација. И покрај тоа што имало понуда со пониска цена, комисијата го избрала економскиот оператор од Кина.