Македонија Јанева: Не ги деградирам институциите туку се сомневам во резултатот на изборите

Јанева: Не ги деградирам институциите туку се сомневам во резултатот на изборите

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска преку соопштение појаснува дека нејзината изјава околу легитимноста на институциите била во насока на укажување на важноста на истрагите на СЈО и на „улогата на фер и демократски избори во градењето на институциите и на нивниот легитмитет“, а не во насока на „деградирање на државните институции“.

„Како што и во самата изјава наведов, имајќи ги предвид досега собраните материјални докази што укажуваат на бројни нерегуларности кои се случиле во изборниот процес, имаме основани сомневања во однос на резултатот од тој изборен процес. Целта на нашите истраги и евентуални обвиненија останува санкционирање на тие за кои ќе биде докажано дека учествувале во изборни измами и генерална превенција на слични однесувања во правец на обезбедување услови за избори лишени од изборни нерегуларности, за изборниот резултат вистински да ја отслика волјата на граѓаните и да овозможи полна доверба во институциите“, стои во соопштението на Јанева.

Во дописот до медиумите, специјалната обвинителка повторно ги објаснува причините поради кои нема да присуствува на седниците на Советот на јавни обвинители и на Собранието и вели дека тоа не е поради непочитување на институциите туку дека нема законска обрвска за тоа. Единствено што ѝ налагаат законот и Уставот, вели Јанева, е да поднесе извештај за шестмесечното работење, обврска која веќе ја исполнила.

Специјалната обвинителка посочува дека Советот на јавни обвинители со неговото инсистирање Јанева да дојде на седницата, го „пренебрегнува начелото на автономност на СЈО“, според кое, ниту еден јавен обвинител, вклучително и републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски, не може да бара извештаи поврзани со предмети од надлежност на СЈО.