Македонија Јанева најави прес-конференција за утре во 13.30 часот

Јанева најави прес-конференција за утре во 13.30 часот

Специјалното јавно обвинителство утре, во 13.30 часот, ќе одржи прес-конференција, соопштија денеска од СЈО. Во дописот од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева не е наведено која ќе биде темата на прес-конфренецијата, но извесно е дека ќе стане збор за актуелните случувања во земјава, во кои една од најзасегнатите страни е СЈО.

Специјалното јавно обвинителство  прес-конференцијата на својот твитер-профил ја најави со зборовите: „Ние работиме. Утре прес-конференција во 13.30 часот“.

Прес-конференцијата доаѓа по вчерашната одлука на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, за аболиција на сите политичари и нивни соработници против кои се води кривична постапка.

Најголем дел од аболираните се лица против кои СЈО води предистражни постапки, а за дел се отворени и истражни постапки. Меѓу аболираните се и имињата на тројцата обвинители на СЈО, Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски.

Од Специјалното јавно обвинителство вчера за „Мета“ рекоа дека чекаат да ја добијат интегрално одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по што ќе излезат со официјален став.