Главна секција Јанева: 12 часа тапкаме во место, УБК не ни дава пристап до...

Јанева: 12 часа тапкаме во место, УБК не ни дава пристап до податоците

Веќе 12 часа сме присутни во Управата за безбедност и контраразузнавање и сè уште тапкаме во место, немаме пристап до документите за кои добивме судска наредба, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која денеска, во 1 часот по полноќ, даде изјава за медиумите пред Министерството за внатрешни работи.

– Ние нема да си одиме сè додека не постапиме по судските наредби. Јас ќе бидам цела вечер тука сè  додека можам да издржам – изјави Јанева.

Таа додаде дека е разочарана од односот на раководството во УБК, како и од директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој постојано бил до обвинителите и до истражителите, под изговор дека се грижел за полицајците, а дополнителниот заменик министер Оливер Андонов воопшто не се ни поздравил со тимот од СЈО.

Специјалната јавна обвинителка рече и дека се организирани во повеќе групи за дежурства и дека ако треба, ќе останат и до 1 јануари следната година за да ги добијат бараните документи.

Обвинителката Ленче Ристовска објасни дека вчера добиле наредба од Основниот суд Скопје 1 за да ги добијат сите податоци за броевите што биле маркирани во УБК и за кои се сомневаат дека се во моменталните системи во управата.

– Наша цел е да видиме дали се таму. На наше жалење, раководните органи велат дека немаат ни технички, ни човечки ресурси  за да може да пристапиме во системите за прислушување – рече Ристовска.