Економија Извозот во првите шест месеци со пораст од 26,5 проценти

Извозот во првите шест месеци со пораст од 26,5 проценти

Во првите шест месеци, извозот бележи пораст од 26,5 проценти и изнесува 3.323.298.000 долари, објави Државниот завод за статистика. Вредноста на увезената стока во истиот период изнесува 4.441.172.000 долари и бележи пораст од 24 проценти.

Трговскиот дефицит, во првите шест месеци е 1.117.874.000 долари, a pокриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 74, 9 проценти.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и друго.

Најзастапени во извозот се катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица.

Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.