Економија Извозот во првиот квартал зголемен за 7,7 проценти во однос на лани

Извозот во првиот квартал зголемен за 7,7 проценти во однос на лани

Вкупната вредност на извозот на стоки, во првиот квартал годинава изнесува 1.735.738.000 долари и бележи пораст од 7,7 проценти во однос на истиот период лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, првото тримесечие од годинава изнесува 2.256.298.000 долари, што е за 2,8 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – март годинава, изнесува 520.560.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз, за истиот период изнесува 76,9 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови.

Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во првиот квартал годинава најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.