Економија Извозот на компаниите од ТИР-зоните, лани изнесувал 2 милијарди евра

Извозот на компаниите од ТИР-зоните, лани изнесувал 2 милијарди евра

Вредноста на извозот на компаниите од ТИР-зоните, лани надмина 2 милијарди евра, што претставува пораст од 29,2 проценти во однос на остварениот извоз во 2016 година, информираат од Дирекцијата за ТИРЗ.

ТИР-зоните за прв пат нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат своите врати за домашните инвеститори.

„По објавувањето на Планот за економски пораст забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал. Одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Македонија во 2018 година“, се вели во соопштението.

Македонската компанија „Хај-тек“ и германската компанија „Герман електро-системс“, според најавите, се очекува да започнат со работа на почетокот на годината, додека италијанската компанија„МСА“ е во финална фаза на изградба на новата фабрика.

Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат тиџарет“ која ќе произведува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори.