Македонија Извештајот на Јанева денеска пред собраниска комисија

Извештајот на Јанева денеска пред собраниска комисија

Собраниската комисија за политички системи и односи меѓу заедниците денеска во 11 часот ќе го разгледува извештајот за шестмесечната работа на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Не се очекува Јанева да присуствува на седницата.

Специјалната обвинителка не присуствуваше и на седницата на Советот на јавни обвинители за извештајот, во петокот минатата недела, поради што, како што соопшти претседателот на Советот, Петар Аневски, оваа точка не била на дневниот ред и е презакажана за оваа среда.

Аневски ја повика Јанева да дојде в среда, бидејќи, како што рече, тоа е нејзина должност, а и на членовите на Советот им биле нејасни доста наводи во извештајот и сакале да ѝ постават прашања на специјалната обвинителка.

Од СЈО, пак, изјавија дека специјалната обвинителка нема законска обврска да учествува на седницата ниту досега било практика раководителите на обвинителствата во Република Македонија да присуствуваат и да реферираат пред Советот за вакви извештаи, како и тоа дека треба да се има предвид автономијата на Специјалното јавно обвинителство.

Собранието в понеделник, на 28 март, ќе го разгледува извештајот на Јанева на пленарна седница.