Подглавна секција Израелските сили во центарот на Газа, жителите чекаат прекин на огнот

Израелските сили во центарот на Газа, жителите чекаат прекин на огнот

Би-би-си пренесува дека на социјалните мрежи може да се видат видеа, на кои се гледаат мртви деца и сцени на паника надвор од клиниката во Газа

Фото: Mohammad Abu Elsebah/dpa

Војници на израелските сили утринава ја опкружуваат болницата Ал Шифа во центарот на Газа, додека се водат интензивни борби со борците на Хамас во нејзината околина. Илјадници жители на Газа, заедно со локални новинари, се наоѓаат во болницата, пишува Би-би-си.

Би-би-си пренесува дека на социјалните мрежи може да се видат видеа, на кои се гледаат мртви деца и сцени на паника надвор од клиниката во Газа. Израелската војска за Би-би-си засега не ги потврдува или отфрла ваквите видеа, додека снимките не може самостојно да ги проверат.

Жителите на Газа денеска ја очекуваат четиричасовната пауза од воени дејствија на израелската војска, којашто САД синоќа најавија дека ќе се случи. Целта на паузата е да им се овозможи на жителите од северните делови на Газа да избегаат на југ. Хуманитарните организации велат дека четиричасовниот прекин на огнот е прекраток за каква била помош на цивилите, додека Израел вели дека не станува збор за прекин на огнот туку за тактичка пауза од четири часа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за американската телевизија Фокс Њуз изјави дека Израел нема намера да освои, окупира или управува со Појасот Газа по завршувањето на војната со Хамас. Тој смета дека во Газа е потребна цивилна влада, но и додава дека Израел во иднина ќе ја спречи појавата на каков било сличен ентитет како оној на Хамас.

Министерството за здравство на Хамас во Газа соопшти дека најмалку 10.812 луѓе, вклучувајќи и 4.412 деца, се убиени откако Израел ги почна воздушните и копнените операции во Појасот Газа.