Подглавна секција Израелски војници маскирани како медицински лица убиле тројца Палестинци во болница на...

Израелски војници маскирани како медицински лица убиле тројца Палестинци во болница на Западниот Брег

Израелските сили тврдат дека убиените лица биле палестински борци кои пренесувале оружја и ја користеле болницата „Ибн Сина“ како засолниште

Фото: Adarbd, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Вооружени израелски сили, маскирани како жени и медицински лица, влегле во болницата „Ибн Сина“ во градот Џенин во окупираниот Западен Брег. За време на рацијата, израелските војници убиле тројца Палестинци.

Израелските сили тврдат дека убиените биле борци кои пренесувале оружја и ја користеле болницата како засолниште, пренесува Гардијан. Дополнително, израелските сили тврдат дека еден од убиените планирал да изврши напад инспириран од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Израелските сили не приложија доказ за оваа тврдење.

Министерството за здравство на Палестина строго го осуди нападот и ја повика меѓународната заедница да стави притисок врз израелската војска да прекине со ваков вид напади. Министерството дополни дека немало размена на оган, односно дека израелските сили го извршиле својот таргетиран напад без контранапад од лицата во болницата.

„Она што се случи во ‘Ибн Сина’ поставува нов преседан. Никогаш немало атентат во болница. Имало апсења и напади, но не и атентат“, изјави претставник од болницата.

Хамас тврди дека еден од убиените бил член на Хамас и го нарече атентатот „кукавички чин“. Паравоената група „Палестински исламистички џихад“ тврди дека двајца од убиените биле нејзини членови.

Од почетокот на војната меѓу Газа и Израел секојдневно се забележува повеќе насилство на Западниот Брег. Израелските сили имаат убиено најмалку 380 Палестинци на Западниот Брег, најчесто во судири при рации или протести. Дополнително, израелските сили потврдија оти имаат уапсено речиси 3000 Палестинци во Западниот Брег од почетокот на конфликтот на 7 октомври.