Подглавна секција Израелски демонстранти блокираат хуманитарна помош во Газа

Израелски демонстранти блокираат хуманитарна помош во Газа

Само девет од 114 камиони кои чекале на граничниот премин Керем Шалом влегле во Газа

Фото: Ilia Yefimovich/dpa

Стотици израелски демонстранти го блокираа патот на камиони кои носеле хуманитарна помош до Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“. Некои од камионите имале египетски знамиња, а демонстранти вееле израелски знамиња и скандирале против владините мерки за внесување помош во Газа.

Само девет од 114 камиони го поминале граничниот премин Керем Шалом. Некои се пренaсочиле и влегле преку египетскиот премин Рафах, но само 153 камиони влегле во Газа во текот на вчерашниот ден, далеку помалку од просечниот број  во изминатите недели.

„Секогаш е лудо да се помага на непријателот, но посебно е лудо тоа да се прави денес, еден ден откако се убиени 24 наши војници и додека се подготвуваат да пукаат во нашите градови, дури и додека ги држат повеќе од 130 наши заложници“, рекла демонстрантка за „Тајмс оф Израел“, споменувајќи го најсмртоносниот ден за израелската војска од почетокот на конфликтот.

Израел истовремено се соочува со меѓународен притисок да доставува хуманитарна помош, но и внатрешен притисок да се достигнат воени цели и да се ослободат заложниците заробени од Хамас.

Неколку десничарски групи планираат марш следната недела во Ерусалим до израелскиот парламент во знак на протест против помошта за Газа.

„Внесувањето хуманитарна помош е клучна за да се обезбеди меѓународна поддршка. Без неа, со тек на време дури и на нашите добри пријатели би им било тешко да нè поддржат“, изјавил премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху во ноември.

Населението на појасот и пред војната зависеше во голема мерка од хуманитарна помош, што е последица на израелската блокада на Газа. Според истражување на Обединетите нации, 80 отсто од жителите се потпирале на меѓународната помош за храна и основни здравствени услуги.

Во Газа, пак, израелската војска вчера изврши напад врз еден од центрите на агенцијата за хуманитарна помош во Палестина на ОН. Најмалку 12 лица загинале.