Македонија Измените на Законот за работни односи утре пред пратениците на пленарна седница

Измените на Законот за работни односи утре пред пратениците на пленарна седница

Собраниската Комисија за европски прашања и денеска продолжи со работа по останатите четири предлог-закони, кои Владата ги достави до законодавниот дом со „европско знаменце“

Фото: Мета.мк

Предложените измени на Законот за работни односи утре ќе се најдат на пленарна седница пред пратениците во Собранието на РСМ. Измените на овој закон веќе го минаа филтерот на собраниската Комисија за европски прашања, каде беа разгледани по скратена постапка поради „европското знаменце“.

Инаку, собраниската Комисија за европски прашања и денеска продолжи со работа по останатите четири предлог-закони, кои Владата ги достави до законодавниот дом со „европско знаменце“. Како следна точка, е предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по што ќе треба да се разгледаат и измените на Законот за градење, Законот за експропријација и Законот за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10д.

Расправата во Комисијата за европски прашања за секој од овие законски измени е ограничена на два дена, поради тоа што тие се носат во скратена постапка.

Од македонската влада посочија дека со петте предлог-измени на законите би се зголемила ефикасноста во изградбата на инфраструктурните објекти од стратешки национален и јавен интерес. Од опозицијата пак посочуваат дека предложените законски измени се скандалозни, а користењето на системот „европско знаменце“ се злоупотребува од страна на власта.