fbpx

Петте предлог-закони со европско знаменце од Влада стасаа во Собрание

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека има основа и политичка оправданост за да се стави европско знаменце на петте предлог-законски измени што се испратени во Собранието на РСМ

-

Македонската влада ги испрати до Собранието на РСМ петте предлог-измени на законите кои ги усвои во петокот, а со кои би се зголемила ефикасноста во изградбата на инфраструктурните објекти од стратешки национален и јавен интерес. На веб-страницата на Собранието на РСМ е објавено дека овие предлог-закони со европско знаменце ќе се најдат пред пратениците на 115-тата седница закажана за 10 мај.

Станува збор за предложените измени на Законот за работни односи, за експропријација, за урбанистичко планирање, за градење и за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола).

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека има основа и политичка оправданост за да се стави европско знаменце на петте предлог-законски измени што се испратени во Собранието на РСМ.

„Знаеме дека со овие закони нема усогласување со некои европски акти, но ги ставаме за да ја комплетираме трансевропската мрежа на коридори. Она што треба отворено да го кажеме, тоа е дека одлуката е за да се заобиколи нелегитимна блокада од проруската, анти САД, анти НАТО, анти ЕУ партија Левица, која ќе направи сè за да го спречи ова“, изјави вицепремиерот Маричиќ.

Инаку, од Делегацијата на ЕУ во Скопје минатата недела соопштија дека означувањето на законите со европско знаме има за цел да помогне да се забрза интеграцијата на Македонија во ЕУ и според тоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ.

„Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања“, изјавија минатата недела од Делегацијата на ЕУ.

Со владиниот потег да се достават петте предлог-законски измени со европско знаменце ќе се поедностави постапката за донесување, бидејќи расправата за ваквите законски решенија оди најчесто преку Комисијата за европски прашања, а амандманската расправа е ограничена на два дена. На овој начин, владата сака да ги избегне шансите за амандмански блокади, земајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица на претходно предложениот Закон за работни односи поднесоа над 1.100 амандмани и го блокираа неговото донесување.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја повика Канцеларијата на Европската комисија и амбасадите на земјите-членки на ЕУ да се произнесат во однос на пристигнувањето на законите со европско знаменце во парламентот.

„Доколку тоа не се случи, тогаш од утре ќе отвориме јавна дебата и по тоа прашање затоа што верзиите кои што ги видовме во делот 5 кој што вообичаено се користи за објаснување со кои делови од европската регулатива се усогласува овој закон, замислете во овие предлози е празен. Значи празен е, не стои таму во што се усогласува“, изјави Христијан Мицкоски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако соученик ве малтретира во вибер група, направете скриншот и пријавете го кај педагогот

Ученик фотографирал соученик во соблекувална пред часот по физичко образование, па потоа фотографијата ја споделил во вибер група во која сите се исмејувале со ученикот-жртва. Девојка споделила фотографија со...