Економија Олеснета процедурата за поставување фотонапонски електроцентрали за домаќинствата

Олеснета процедурата за поставување фотонапонски електроцентрали за домаќинствата

Фотонапонска електрична централа во државна сопственост „Осломеј“. Фото: ЕСМ, 24 март 2022

Граѓаните и компаниите веќе може да постават фотонапонски електроцентрали за производство на струја брзо и по поволни услови, без одобрение за градење, бидејќи стапија на сила измените на Законот за градење, како дел од низата мерки за поддршка во услови на најголемата светска енергетска криза, соопшти Владата.

Со новината, ќе се поедностави процедурата за поставување фотонапонски електроцентрали на објектите и тоа до 6 киловати за домаќинствата и до 40 киловати за компаниите.

„Процедурата е без административни постапки и не е потребно издавање на одобрение/решение за градење од oпштината“, соопштува Владата.

Според законските мерки што стапија на сила, инвеститорите се должни само да ја известат општината и да ги достават потребните документи. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект.

„Контролата дали се поставени фотоволтации како што е предвидено со проектот, ќе ја вршат општинските инспектори“, велат оттаму.

Граѓаните треба да достават известување за поставување фотонапонска електроцентрала кон кое ќе приложат копија од лична карта, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонската електроцентрала, со право на сопственост на инвеститорот. Ако објектот не е во сопственост на инвеститорот, се доставува договор или согласност од сопственикот на објектот. Треба да се достави и проект за фотонапонска електроцентрала до 6 киловати за домаќинствата, односно до 40 киловати за компаниите.

„Со измените се предвидува посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената струја ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа“, објаснуваат во Владата.

Во Владата потсетуваат дека од почетокот на кризата, за да се забави прелевањето на инфлаторните притисоци, биле преземени мерки во износ од 400 милиони евра, кои потоа беа надополнети со мерки предвидени во ребалансот на буџетот и како трет сет мерки е најновиот пакет од 360 милиони евра поддршка за граѓаните и за стопанството.