Хроника Измамник од Неготино во Охрид посредувал и нудел вработување во Германија

Измамник од Неготино во Охрид посредувал и нудел вработување во Германија

СВР од Охрид поднесе кривична пријава против Д.К. (27) од Неготино, за кого се сомнева дека извршил измама, соопшти портпаролот на секторот, Стефан Димоски.

Пријавениот, во периодот од февруари до мај минатата година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги довел во заблуда Ј.С. и З.Р., двајцата од Охрид.

Најнапред објавил оглас на „Реклама 5“, по што лажно прикажувал факти дека посредува и нуди вработување во Германија.

На телефонските повици, пријавениот лажно се претставувал, кажувајќи дека се вика Дарко од Скопје и дека успешно посредува за добивање работа во Германија.

По неколку телефонски разговори, оштетениот Ј.С. на трансакциска сметка од пријавениот, уплатил сума од 37.000 денари за вработување во Германија.

По истек на договорениот рок, Ј.С. не добил никакво известување за тоа кога ќе биде работно ангажиран, велејќи му дека биле потребни уште пари за да се завршела веќе почнатата постапка.

На истиот начин, пријавениот го сторил кривичното дело доведувајќи го во заблуда и З.Р. од Охрид.

Во мај минатата година, сега пријавениот, на З.Р. му ветил работа во Германија, а за таа услуга побарал и добил 53.400 денари.