Свет Балкан Измамници во Софија се обидуваат да извлечат пари со лажни „решенија“ за...

Измамници во Софија се обидуваат да извлечат пари со лажни „решенија“ за казни за паркирање

Photo: meta.mk

Градоначалничката на Софија, Јорданка Фандкова, преку својата Фејсбук-страница денеска извести дека засега непознати измамници се обидувааат да извлечат пари од граѓани со лажни „решенија“ за глоби поради неправилно паркирање.

„Решенијата“ се мошне квалитетно направени, изгледаат слично како други официјални документи, а на нив стои дека ги издала администрацијата на Град Софија и имаат дури и печат. На на нив е напишана и банкарска сметка на којашто треба да се уплати глобата. Биле оставани под бришачите на возила во софискиот кварт Љулин.

Некои граѓани што добиле вакви предупредувања реагирале до софиската градоначалничка, која извести дека тоа се лажни соопштенија од измамници и порача да не се уплаќаат пари на посочената сметка. На соопштението што таа го објави, стои дека треба да се плати казна од 150 лева.

Фандкова соопшти дека градската администрација не изрекува глоби за прекршоци при паркирање и оти такви овластувања имаат само сообраќајната полиција, општинската полиција и Центарот за градска мобилност.

Фандкова вели дека ја информирале полицијата за лажните известувања.