Македонија Изгласани замениците министри, од денеска ги преземаат функциите

Изгласани замениците министри, од денеска ги преземаат функциите

На денешната седница на Собранието, по неколкучасовна дискусија во која пратениците на опозицијата дадоа поголем број забелешки, со 62 гласа „за“ беа изгласани 15-те заменици министри предложени од премиерот Зоран Заев.

Воздржани беа петмина пратеници, а другите од 108 присутни пратеници не се изјаснија воопшто со притискање на копчето.

Притоа претседателот на Собранието, Талат Џафери, им честиташе на замениците министри и нагласи дека со изборот завршува мандатот на досегашните заменици.

Заменик министер за одбрана е Беким Максути, за внатрешни работи – Агим Нухиу, за правда е Оливер Ристовски, за надворешни работи – Арта Точи, за финансии – Ширете Елези, за економија – Кире Наумов, за шумарство и водостопанство – Власте Димковиќ, за здравство – Гоце Чакаровски, за труд и социјална политика – Елми Назири, за локална самоуправа – Дејан Павлевски, заменик на министерот Алаѓозовски е Владимир Лазовски, заменик на министерот за информатичко општество и администрација е Владимир Бајдевски, за транспорт и врски – Ремзи Мехмети и заменик министер за животна средина и за просторно планирање е Јани Макрадули.