Свет Балкан Изгласан пакетот мерки за штедење во Грција

Изгласан пакетот мерки за штедење во Грција

Грчкото собрание, по целовечерна дебата, утринава го одобри третиот пакет мерки за штедење. За мерките гласаа 222 пратеници, 64 пратеници беа против, а воздржани имаше 11.

Грчката владејачка партија СИРИЗА го изгуби минималното парламентарно мнозинство бидејќи мерките ги поддржаа само 118 левичарски пратеници, двајца помалку од граничната бројка 120, која ја имаше неформално поставено Алексис Ципрас како лиит што ќе значи дека сè уште има мнозинска поддршка од својата партија.

Ципрас доби силна шлаканица од 44 пратеници бидејќи 32 пратеници од СИРИЗА беа против, 11 воздржани, а една пратеничка беше отсутна. Според првите неофицијални информации, во вакви услови Ципрас, штом заврши со обврските кон кредиторите и штом Грција на 20 август ја добие првата рата од кредитот, ќе дојде во собранието и ќе бара гласање доверба на владата. Од исходот од тоа гласање ќе се одредат следните чекори и иднината на првата левичарска влада на Грција, односно за колку време ќе се распишат предвремени избори.

Дискусијата почна околу 3 часот по полноќ, а заврши околу 9 часот по локално време. Ципрас направи последен обид да ги придобие пратениците на своја страна, тврдејќи дека дилемата со која се соочила владата била спас или финансиски и социјален колапс на државата.

Пратеникот Панајотис Лафазанис, поранешен министер за енергетика, кој вчера најави отцепување од СИРИЗА и формирање своја партија, истакна дека не знае дали да ја жали или да се срами од владата.

Претседателката на Собранието, Зои Константопулу, која е една од најгласните поборници против мерките за штедење, забележа дека ќе престане да го поддржува и да го брани Ципрас, додека, пак, Јанис Варуфакис, кој најави дека ќе гласа против мерките, истакна дека доколку Ципрас побара од него да отстапи од пратеничкото место, без проблем ќе го направи тоа.

Мерките се изгласаа, главно, со поддршка на опозициските партии Река, Нова демократија и ПАСОК, кои истакнаа дека иако не се задоволни од односот на Ципрас, сепак ќе ги поддржат мерките.

– Ќе го изгласаме договорот од должност кон Грците. Не ви веруваме, но нема друг пат и начин – истакна првиот човек на Река, Ставрос Теодоракис.