Македонија Изборите ќе бидат поука за поразените и за победниците, порача спикерот Вељаноски

Изборите ќе бидат поука за поразените и за победниците, порача спикерот Вељаноски

„Секогаш кажувам дека граѓаните на Република Македонија знаат да изберат и да ја донесат својата одлука. Така и на овие парламентарни избори“, рече првиот човек на доскорешниот собраниски состав, Трајко Вељаноски, откако гласаше на избирачкото место 2.571 во основното училиште „Мирче Арцев“ во општина Ѓорче Петров.

– Посакувам, најискрено посакувам, и тоа е добро за Република Македонија, по завршувањето на изборите, по пребројувањето на гласовите, поразениот да излезе и да му честита на победникот. А победникот да работи понатаму за доброто на Република Македонија, да престане вештачки наметната политичка криза и да продолжиме ние да работиме за доброто и за економски просперитет и на граѓаните и на Република Македонија. Тоа е наша должност како политичари – рече Вељаноски.

Тој додаде дека очекува и посакува по овие избори да заврши политичката криза, а дека изборите ќе бидат поука и за поразените и за победниците.