Македонија Изборите и човековите права, теми на разговор помеѓу европарламентарците и ЛДП

Изборите и човековите права, теми на разговор помеѓу европарламентарците и ЛДП

Делегација на Либерално-демократската партија во состав Филип Аврамчев и Јасмина Конеска, денеска оствари средба со европратениците Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн. За време на средбата, присутните се осврнале на неколку теми, меѓу кои и Договорот од Пржино, како и изборите на 11 декември.

На европратениците им биле презентирани програмските приоритети на ЛДП, економијата, екологијата и човековите права.

Европратеникот Вајгл сериозно бил заинтересиран за економската состојба во државата, но сепак главен акцент на средбата бил ставен на човековите права, како и на правата на маргинализираните заедници.

На средбата присуствувал и претседателот на „Субверзивен фронт“, здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста, Антонио Михајлов.

Заеднички заклучок од средбата бил дека на Македонија ѝ е потребно негување на европските вредности, но и погласен пристап, како и законски измени за спречување на говорот на омраза и на насилство од кој било вид – етничко, верско, родово, сексуално итн.

Како претставник на сестринската партија АЛДЕ, Иво Вајгл дал поддршка на ЛДП во промоција на европските вредности и на заложбите на партијата за што поскоро земјава да се интегрира во ЕУ и во НАТО.