Подглавна секција Избори за претседател во Белорусија, до 14 часот излегле 65,19 проценти од...

Избори за претседател во Белорусија, до 14 часот излегле 65,19 проценти од гласачите

Во Белорусија денеска се одржуваат претседателски избори, на кои граѓаните избираат од петмина кандидати, актуелниот Александер Лукашенко, Светлана Тихановскаја, донеодамна малку позната професорка по англиски и уште тројца други. Агенцијата ТАС пренесе дека до 14 часот излегле на гласање 65,19 проценти од гласачите. Според заменик-претседателот на Централната изборна комисија, Владимир Ипатов, одѕивот по региони е најнизок во Минск – 52,03 проценти, а највисок во регионот Гомел – 75,83 проценти.
ТАСС исто така соопшти дека за време на грасањето, уапсени се двајца новинари од Минск, Владимир Роменски и Василиј Полонски, како и камерманот Николај Антипов и дека се однесени во непознат правец. Претставници на штабот на нерегистрираниот кандидат Виктор Бабарика, сојузник на Светлана Тихановскаја, изјавиле дека новинарите биле уапсени откако разговарале со неа на улица.
Според агенцијата Хина, Светлана Тихановскаја, главната кандидатка за претседател од опозицијата, ноќеска го напуштила својот стан и заминала на непозната локација. Портпаролите на нејзината кампања соопштиле дека побегнала од безбедносни причини, откако полицијата привела неколку нејзини соработници. Тихановскаја претходно изјавила дека мора своите деца да ги прати во странство затоа што добивала закани по живот.
Според странските агенции, 65 годишниот Лукашенко речиси е сигурен дека ќе победи и дека ќе го освои својот шести едноподруго мандат, иако може да се соочи со бран на демонстрации поради огорченоста на граѓаните за начинот на кој се справува со пандемијата од корона вирусот, лошите состојби во економијата и кршењето на човековите права.