Македонија Избегал од затвор, украл заклучен сеф од хотел и следниот ден се...

Избегал од затвор, украл заклучен сеф од хотел и следниот ден се вратил на местото на злосторството

Во сефот имало парични средства во износ од околу 1400 евра, како и клучеви од хотелот, неколку сим картички како и пет патни исправи на гости сместени во хотелот

Фото: Immo Wegmann на Unsplash

Предложен е притвор за лице кое извршило кражба во скопски хотел на 8 јули. Како што соопшти Јавното обвинителство, осомничениот од хотелот успеал да украде метален сеф заклучен со шифра. Во сефот имало парични средства во износ од околу 1400 евра, како и клучеви од хотелот, неколку сим картички како и пет патни исправи на гости сместени во хотелот. Вкупната вредност на одземените предмети се проценува на околу 100.000 денари, соопшти ЈО.

„Потоа го напуштил местото на настанот, но се вратил следниот ден и кога се приближил до службениот паркинг, му пристапиле членови на обезбедувањето на хотелот“, објави обвинителството.

Осомничениот со спреј за самоодбрана ги испрскал во очите и веднаш почнал да бега, влегувајќи во такси возило. Возилото било пријавено и сопрено од полициски службеници кај Градежен факултет Скопје, по што пријавениот бил лишен од слобода.

Од обвинителството велат дека тој е претходно повеќепати осудуван и отслужувал затворска казна во КПУ Затвор Прилеп, но побегнал и од 5 јули по него била распишана потерница.

Според јавниот обвинител постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје тој достави предлог за определување мерка притвор.