Македонија Иванов со шефот на норвешката дипломатија, Бренде, разговарал за политичките случувања

Иванов со шефот на норвешката дипломатија, Бренде, разговарал за политичките случувања

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го примил министерот за надворешни работи на Норвешка, Борге Бренде, соопштија од претседателскиот кабинет, презентирајќи некои од темите за кои се дискутирало.

Покрај изразувањето подготвеност за унапредување на досегашната соработка, соговорниците разговарале за актуелните политички случувања, како и за безбедносните прашања и за предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот, но и за ЕУ. Се зборувало и за продлабочување на политичкиот дијалог.

„Продолжувањето на процесот на проширување треба да биде стратешка цел на ЕУ, независно од внатрешните и од надворешните предизвици со кои се соочува Унијата, а стабилен, безбеден и економски силен Балкан ќе придонесе за стабилноста и за просперитетот на Европа“, посочил претседателот Иванов на средбата, истакнувајќи дека Република Македонија треба што поскоро да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

На средбата, како што се вели во соопштението од претседателскиот кабинет, станало збор и за мигрантите и за безбедносните ризици.

„Не само нашата држава и регионот, туку и Европа и целиот свет се соочуваат со сериозни предизвици. Бегалската и мигрантската криза, тероризмот и безбедносните ризици, сè поголемата нетолерантност и непочитување на различностите, непочитувањето на меѓународното право, се само дел од предизвиците што бараат тесна соработка и глобални одговори“, порачал македонскиот претседател.