Македонија Иванов побара од Обама поддршка за приемот во НАТО

Иванов побара од Обама поддршка за приемот во НАТО

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов побара од американскиот претседател Барак Обама, САД да ја засилат поддршката за прием на Македонија во НАТО.

„Стапувањето на Република Македонија во одамна заслуженото полноправно членство во НАТО, и понатаму останува голем предизвик со кој нашата држава се соочува. Во тој контекст, ја очекуваме Вашата понатамошна, уште позасилена поддршка во пресрет на самитот на Алијансата, во јули оваа година во Варшава“, стои во честитката на Иванов упатена до Обама по повод Денот на независноста на САД.

Иванов во честитката истакнува дека Македонија високо го цени севкупниот придонес и силната и континуирана поддршка на САД за консолидирање на мирот, демократијата и на стабилноста во регионот, како и за остварување на стратешките надворешно-политички цели на нашата земја.