Македонија Иванов: И Грција и ние сме влезени во туѓа игра за името

Иванов: И Грција и ние сме влезени во туѓа игра за името

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во вчерашното интервју за телевизија „Сител“, рече дека прашањето за спорот за името има нова реалност и дека и Македонија и Грција се влезени во туѓа игра, во која интересите ги имаат другите.

– Прашањето за името со соседна Грција на некој начин е влезено во поинаква фаза. Имаме нова реалност. Првпат на политичка сцена на Грција имаме политичари кои не се обременети од наследството од Студената војна и особено од Граѓанската војна во Грција. Се менува парадигмата. И тие, и ние стануваме свесни која штета ја трпиме од овој спор. Стануваат свесни одредени субјекти со кои имаме контакти дека и ние и Грција сме влезени во туѓа игра, дека штетите ги трпиме ние. Со тек на време некој ја создал претставата дека е наша игра. Напротив. И Грција и ние сме вовлечени во една туѓа игра, во која интересите ги имаат другите, а ние ја имаме само штетата. Така што оваа млада гарнитура, без разлика колку ќе опстои, ги отвора и другите прашања на проблемот за името со кои ќе се соочуваме ние и граѓаните и бизнисмените и сите оние кои досега трпат само штета, а немаат никаква корист. И тоа е штета и за нас, но и за самата Грција, по угледот што ѝ е нарушен поради сите овие случувања во однос на името. Така што, верувам дека ќе има поинаков тек и нема да му робуваме на сето она што досега беше поврзано со проблемот за името – рече Иванов.